Живеете или само дишете?!

Постојат многу начини како да уништите еден народ и да скроите едно општество какво што вие сакате без да морате да војувате со тој народ. И ако мислите дека се лажам и дека македонскиот народ е непокорлив и како пиреј дозволете ми да ве уверувам дека уништувањето не значи само смрт и непостоење.

Уништувањето значи и премолчување на неправдите, игнорирање на проблемите кои не се лични, вербата во лажните уверувања дека некој нешто прави за вас додека вие немо следите без да имате сила да се борите за сите работи кои ве засегаат. Неми посматрачи во летаргичност и апатија. Прашањето некако беше -Живеете или само дишете?!

Синдром на сварената жаба

Со сигурност сте ја чуле приказната за синдромот на сварената жаба на Оливие Кларк. Но, сепак за оние кои не ја знаат на кратко. Кларк објаснува дека ако ставите една жаба во тенџере со вода и започнете да ја загревате водата секој ден малку по малку, жабата од ден на ден ќе почне да приспособува на таа температура која секој ден расте за не повеќе од 2 степени Целзиусови. На жабата во прв момент тоа ќе и годи, секое зголемување на температурата ќе и ја зголемува нелагодноста но нема да сфати кон што води ова и понатаму ќе се приспособува.

Кога водата на крај ќе почне да врие, жабата ќе сака да скокне од тенџерето ама нема да може бидејќи ја истрошила цела енергија на приспособување. Заснована на законите на физиката прашањето во оваа приказна не е зошто жабата не скока туку:

Што ја убило жабата?!

Врелата вода или неспособноста да донесе одлука во одреден миг да стане, скокне и да се спаси.

Ако ја потопите жабата во вода со висока температура, таа ќе скокне веднаш, за да се спаси. Но, додека се привикнува на постепеното зголемување на температурата, таа не може да сфати дека треба да скокне пред да биде предоцна.

Пливаме ли ние пред точката на вриење?

Изборите завршија. Политичарите заминаа на одмор без и да се помачат да формираат Влада. Таман и ние да одмориме од нив. Само што ние не можеме да одмориме. Оти ние веќе пливаме во вода што е пред точка на вриење.

И додека оние кои се одговорни и земаат плата да раководат и носат одлуки во име и за народот – то ест жабата, се на „заслужен одмор“ оти и тие се луѓе, ние не можеме.

Ние мораме:

  1. Да работиме за некој друг- за газдата, за фирмата- нема празник, се е делник.
  2. Да работиме за државата -за плата која државата ни ја зема по основ на давачки и даноци, сметки и тоа добар дел пред да ја видиме-плаќате цел живот државно здравствено осигурување ама мора да плаќате приватен тест за корона од 4000 денари.
  3. Да работиме за банката -за хипотека, за кредит, за долг од кредитната картичка -кои сме ги искористиле за види погоре.
Извор: Вечер

Водата се затоплува со Извршителите од 24 јули 2020 повторно ќе можат да блокираат сметки за да ги наплатат долговите на должниците, што беше укинато во март. Ама не е врела оти ете им ја намалиле наградата на извршителите ама затезната камата која тече во текот на сите овие изминати месеци на дневна основа се натрупала. Прашањето ми е: Да почекаме, да видиме, да попливкаме..ни прија уште водата. Или да скокнеме?!

Водата се затоплува со одлуката на Управата за Јавни Приходи која ги советува граѓаните кои скенираат сметки да си ја проверат состојбата оти износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесечје може да претрпи промена. Водата не е врела оти ете оваа мерка уште постои и УЈП уверува дека нема да доцни со исплата ама со овие приспособувања за скенираните сметки од 12 јуни 2020 година, повторно ќе се изврши пресметка, овој пат наместо 15 отсто повратот е со 10 отсто поврат на ДДВ.

МОН ќе одлучи за наставата на крај на август!

Извор: Телма

Водата не е врела оти Министерство за образование не вика Децата нема да почнат со настава, никој не знае ништо, немаме стабилна платформа ниту опрема, ниту наставен кадар кој е обучен за ваков тип на настава и голем дел од децата немаа пристап до Интернет. Водата се затоплува со одлуката на Министерство за образование да донесе одлука на крајот од август (читај почетокот на септември) што ќе прави со образовниот процес, родителите и најважно децата од условно речено пааа….утре. Прилагодете се вие. Вие/ние сме жабите. Тие само ја зголемуваат температурата додека нашите деца бленат пред мобилните екрани, а ние во последен момент ќе мислиме како да споиме крај со крај. Ама да почекаме….

Колку се грижи државата за нас?

Водата е пред точка на вриење оти си играте Богови со човечките судбини. Со месеци 11 годишно дете од Охрид со церебрална парализа напуштено од двајцата родители било оставено само на себе во куќа на под на чергиче со 150 мл млеко на ден, без лекарска грижа, без каква било терапија, неподвижно и неспособно да се грижи за себе. Институциите во Охрид знаеле, молчеле, ништо не сториле оти барале потпис на барем еден од двајцата родители. Кои ги нема…Си заминале..

Извор: Телма

Тоа е уништување на еден народ – наводно постоечки институции…Случајот е решен поради галама на Фејсбук -споделувања, лајкови за јавно објавените потресни животни приказни. Оти ако не објавите јавно на Фејсбук за институциите исто како и да не постои.

Се навикнавме ли да го живееме синдромот на сварената жаба како народ а само во последната недела ни ја зголемија температурата на водата во која живееме за неколку степени?!. Прашањето ми е: Има ли пилот во авионот кој управува или….Да почекаме, да видиме, да попливкаме..ни прија уште водата. Или да скокнеме?!

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *