Колку вреди нашиот живот?

Ти се чини дека еден миг не може да стори многу нешта. Не е возможно до толку нештата да се променат во еден миг. А веќе наредниот сфаќаш дека еден миг може да стане вечност и токму тој миг да ти го запре засекогаш целиот живот. 

Колку вреди нашиот живот?  Животот на нашите деца? Имаат ли иста цена животите на нашите деца и кој ја одредува? Повикот за Правда за Кољо не е родителски крик за само едно дете, за само уште еден случај во кој таканареченото судство во Македонија предолго си игра „правичност и правда“ оти за чедо никогаш не поминува и крикот за тоа чедо ечи во вас посилно од зборовите на сите други.

Крикот е натчовечки, силен, а сепак само родителот го слуша додека кротко бара правда не за себе, не само за своето дете, туку за сите нас. Оти никогаш борбата на еден родител не е борба само за своето дете туку напротив за сите деца, за оние кои растат овде и оние кои допрва ќе дојдат. 

Убиство на дете познава ли миг?

Убиство на дете познава ли миг? И за таквиот миг македонската правда предвидува казна од 1 до 5 години. Како судиите ги вреднуваат миговите и врз основа на што одредиле само 3 години затворска казна не и е познато на јавноста. А треба да знаеме. Имаме право да знаеме.

Оти чедата цел живот си ги „задушуваме“ со љубов, ги обвиткуваме со прегратки на заштита ама не можеме да ги заштитиме од миговите и селективната правда на оваа држава. За чедо никогаш не поминува ама вистинската правда ќе донесе мир дека смртта на едно дете во иднина спасила многу животи, дека детскиот живот е вреден и секој кој ќе посегне по животот на едно дете заслужува ригорозни казни а не казна од 3 години. 

Оти за чедо никогаш не поминува

И токму поради тоа Повикот за Правда за Кољо е за секој човек кој смета дека Е НЕПРАВДА за убиство на едно дете да се донесе пресуда од 3 години. Повик за сите нас за заедничка борба за правда, против со години гнилиот судски систем  оти никој не знае животот што носи, и борбата за едно дете е борба за сите наши деца. Барем во таа борба сме единствени, барем за тоа едно нешто може да се сложиме -правдата во Македонија не е правда. 

Повикот за Правда за Кољо е и за оние кои извикуваа “Нема Правда Нема Мир“, оти не видовме дека правдата дојде, обичниот граѓанин не ја почувствува правдата, оти да беше дошла пресудата како во овој така и во многу други случаи немаше да биде ваква каква што е.  Видовме само дека правдата ја нема, ама гласовите за нема правда нема мир не ги чувме повеќе. 

Повик за Правда за Кољо!

И затоа по трет пат во понеделник, 06.07. 2020 година во 19 часот, уште помасовно, уште порешително. Не се предаваме додека нема ПРАВДА ЗА КОЉО! Додека правосудниот систем не добие шлаканица за отрезнување за овој и многу други настани со трагични исходи и пресуди! Преку барањето за правда за Кољо всушност бараме правда за сите деца кои настрадаа во минатото а злосторниците добиле понижувачко мали казни. Но и правда за сите деца во иднина. За Никола Христовски – Кољо, но и за секој еден млад живот кој утре може да се најде во слична ситуација. 

Осети го крикот на младиот човек желен за правда! 

Понеделник

19:00

На раскрсницата помеѓу бул. Јане Сандански и бул. Србија. Марш до Кривичен Суд. Молк и игнорирањето на институциите ќе не направи уште погласни и пожестоки!

Се гледаме!

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *