И ние сме деца на нашата земја!

Една стара добро позната македонска песна ги содржи сите вистини кои ги бараме. Сета горчина која ја чувствуваме и сиот бес од правниот систем кој е се, само правичен не, и не е систем оти ако е, треба да е за сите ист. Сето разочарување од државава која си игра држава. Од државата што не постои. 

„И ние сме деца на мајката земја

на нашата земја, на Македонија.

И ние имаме право да живејме.

како и другите живот што живеат.“

Ама другите што тука живот живеат ни се смеат дека се уште веруваме во чесноста и правичноста. Оти денеска тие што живот живеат во нашата земја, Македонија, не поправаат дека нашата земја е Северна Македонија, земја во која законите важат за едни за други не. Земја во која да бидеш чесен не е вредност туку глупавост. Земја која со последниве судски пресуди целосно ја урна и онаа мала трошка преостаната надеж дека постои правен систем. 

Крај за селективноста на системот!

Селективноста на системот е секаде. На 16 јуни според статија на сакамдакажам, дете на 14 годишна возраст чекало да биде оперирано од сериозна скршеница цели 4 дена. Дека детето е наше дете, дете на соседите, на нас обичниот народ, а не на оние кои тука живот живеат. Дали ќе го добиеше истиот третман и ќе чекаше цели 4 дена за операција да беше дете на некојси таму кој вика „ама знаеш ли кој сум ја?“

Селективноста на правдата е уште поголема. Правдата нема да ја задоволите со апсот на Катица оти криминалот остана во редовите на судството, моќниците, власта„елитата“. Оти правдата не е правда ако судите за милиони а на крај ни М од кај се милионите. Барем обвинетиот тросед на Катица да го продадевте или брендираната облека на Боки па и нив донирајте ги во борбата против Короната. Се е под контрола. Од вас за вас.Од нашите крпени џебови во вашите Армани ташнички.  

Ние тука сме, ама ни здосади да го чекаме „Правото да Живејме“.

Има многу патеки но една цел! Со срамната пресуда во случајот на Никола Христовски-Кољо, чашата е прелеана. Преку барањето за правда за Кољо всушност бараме правда за сите деца кои настрадаа во минатото а злосторниците добиле понижувачко мали казни. Но и правда за сите деца во иднина. За Никола Христовски – Кољо, но и за секој еден млад живот кој утре може да се најде во слична ситуација. 

Со правдата за Кољо да се прескокне оној ѕид кој е окован околу нас обичните смртници а тој ѕид се нарекува НЕПРАВИЧЕН СИСТЕМ! Правда за оние чии деца се само деца на своите родители и на нас соседите, другарите. Правда за сите нас, „малите вредни инсекти“ кои едвај скрпуваат крај со крај фатени во пајаковата мрежа на наводната правичност. 

Младите животи вредат!

Нашите животи вредат подеднакво како животите на оние кои во крв ја пишуваат нашата судбина! Не ја прифаќаме! Ве повикуваме сите да се обединиме и да ги урнеме невидливите ѕидишта.Ќе се бориме се додека нашите барања не се остварат. Сѐ додека не ја добиеме потребната правда. За повеќе инфо за настанот види линк.

Да пратиме порака до сите кои треба да не слушнат. Уште еднаш, да им покажеме на институциите дека сме НЕЗАДОВОЛНИ од пресуди со кои убијците добиваат минимални казни. Незадоволни сме од селективната правда и корумпираното судство. 

Да им покажеме дека ќе излегуваме, ќе го искажуваме нашиот револт на улиците, се додека правдата не биде задоволена.

Линк до претстојниот настан објавен на Фејсбук!

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *