А што е народот, ако го изгуби јазикот?

За зборот ми е. За думата, за јазикот наш насушен! Еден непознат автор од 12-от век рекол: „А што е народот, ако го изгуби јазикот, земјата, душата?  Два народа мило мое, можат да се тепаат и да се мират. Два јазика, никогаш не можат да се смират. Исчезна еден јазик, исчезна еден народ. После изгубен јазик, нема народ.

Во „треската“ што го обзема овој народ од политичките кампањи јазикот си го испоганивме. Политиката некогаш многу одамна била натпревар во мудрување, правоговор, и борба на идеи. Сега во недостаток на луѓе кои се способни за тоа а од нас платени да го работат тоа, народот им ја води борбата со размена на пцости, погрдни имиња, потсмев, клетви, навреди, едни со други.

РАЗНЕБИТУВА =сила која стихијно не уништува, разорува!

Народот заборави уште еднаш дека е народ кој треба да живее живот а не мандат.  Народот разнебитисан помеѓу себе, си го погани својот јазик за други да брани. Оти не попусто Рацин рекол: „за туѓи бели дворови, скотски цел живот работи за други туѓи имоти“ Народот заборава дека е траен и со јазикот потраен од секоја власт, од секоја држава, оти и тоа сме го виделе. Ама јазикот преживува и како сила кога тогаш пак ќе го спои народот.

Ако пред тоа, уште повеќе не го испоганиме. Овој народ заборава дека со години се бори за заеднички правдини низ овој или оној мандат. Заборава дека ние самите на свој грб сме го почувствувале значењето на зборот (НЕ) ПРАВДА за нас, и за нашите деца додека повторно актуелниот на власт политичар Димитров ни објаснува, оти наводно не знаеме, дека зборот ПРАВДА имал содржина и значење. Сме ја почувствувале ние таа „правда“, „Господа“. За жал!

МАЈЧЕ=постара жена, не ја познаваш а ја чувствуваш за блиска! Маката на животот и се гледа во брчките а добрината и блика од очите!

Овој народ заборава кога го навредува оној другиот кој мисли спротивно дека можеби токму тој помеѓу другите ја испратил пресудната СМС порака за лекување на некој негов близок, оти тогаш институциите не помогнале, туку народот, оној со човештина, оној што сетил мака тој народец помогнал. Дека живот е пат за нас обичниот народ, а не мандат! Повеќе од кога и да е, полн со неизвесност и непознато за нас, за нашите деца, за нивната иднина во оваа земја!

Овој народ не бара милостина во вид на „домашна платежна картичка- Купи Домашно“ оти бројот на оние на кои им ја доделивте е запрепастувачки и уште пострашен оти вистинскиот број е поголем!

„Болеста доаѓа само од водата и од лебот. Болеста е голема кога имаш леб, а уште поголема кога немаш леб!

Петре.М. Андреески

Чедо= најмилото, она за кое ти се полни срцето со љубов!

На овој народ му треба еднаков пристап до правда, образование и здравство, и тоа не преку „човек, имаш ли некој да средиме?“ туку со самиот направен чекор за влез во институциите. 

Во изминатите години не видовме многу политики за зачувување на јазикот. Живееме во едно мултиетничко општество во кое многу јазици се среќаваат. Македонскиот јазик е официјален и службен јазик во оваа држава а власта секогаш заеднички управувана со албански политички партнер. Тоа значи дека ако сакате да го дадете својот глас за една или друга политичка опција треба да бидете запознаени и со политиките на партнерите. 

Божилак= Божји лак,виножито!

Ако ги пребарате веб страниците на македонските политичките партии ќе видите дека најголем дел од нив имаат превод на албански и англиски јазик на цела веб страница пример СДС, или на програмата која ја презентираат пример Левица дури на неколку јазици.

Ако ги пребарате веб страниците на албанските политички партии пример БЕСА, ДУИ, ДПА, за да се запознаете со нивните програми, за жал на друг јазик освен албанскиот не можете да наидете. А сакав да прочитам, за живот и соживот. Сакав да научам и да чујам дали и нив ги мачи оваа „правда“ во судството, ова “здраво и сигурно“ општество за сите, кој им е планот за подобар здравствен систем?

Непребол = болка која е присутна, секогаш со вас!

Или тоа не е за народот. Тоа е договор меѓу политичарите. За народот е арената, во кал и нечистотија создавана од нашите пцости едни за други.

Истиот тој непознат автор од почетокот рекол: Секогаш кога два јазика ќе се сретнат и измешаат, тие се како две војски во борба- на живот и смрт. Се додека во таа борба се слушаат и едниот и другиот јазик- борбата е рамноправна. Кога ќе почне подобро и погласно да се слуша еден од нив, – тој ќе преовладее.

Најпосле се слуша само еден.

Борбата е завршена.

Исчезна еден јазик, исчезна еден народ!

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *