Лицето на правдата во Северна!

Текстот е од архивите на авторот на Фејсбук страницата на Приказни од Булеварот!

Лицето на правдата во Северна! Синоним за убиена надеж, за убиен правен систем, за луѓе без образ кои живеат со надеж дека ќе бидат спасени и од нас совесните, преку заборав! Зошто ништо друго нема да ги допре! Да ги санкционира!

Лицето на една држава каде поради корупција, имаме најлошо здравство, образование, правен систем. Поради корупција и нефункционирање на институциите, дишиме најзагаден воздух во Европа! Имаме највисока стапка на мртви новороденчиња.

Не крадат! Не убиваат! Не трујат! Од домовите не иселуваат! И сите тие, вака, со качулка на главата, ќе ни се спасат, ќе се протнат низ дупките, низ изрешетената држава и ќе завршат без санкција. Во Македонија веќе не се работи за битка меѓу две партии! Битка меѓу етнички групи!

Ова е веќе војна помеѓу обичниот народ, згазен од репресивниот систем, и криминалците, кои тој систем ги чува и брани! Затоа што е создаден токму од нив!

“Законите се како пајакова мрежа: ги фаќаат ситните и малите муви, а големите инсекти со леснотија ја раскинуваат истата таа мрежа.”

Анакарс (Anacharsis)

Дај ни го Боже денот кога еден ден овие ќе бегаат од нас кротките! Од нас мирните и чесните, бесот да ги стигне! Зошто таму каде што умира правдата, се раѓа анархијата, а тоа е ринг каде сите сме исти! 

Кафез во кој ќе ви ги извадиме тие качулки!!! Тие маски и превези! 

liceto na pravdata

Како вели онаа народната, сложни попови и во петоци си мрсат. Така и нашиве елити заглавени во табори со мртва идеологија, поделени на леви и десни, сложно си мрсат, си го товараат багажот, дерат од даноците преку кои јадниот и раскаран народ го полни нивниот буџет.

Кој да ни ја врати надежта во институциите?

Буџет во кој нема средства за лекување болни деца, но има за бонуси и награди во тие стотици паразитски комисии во кои тие членуваат. Кој да им ја врати надежта на болните деца? Кој да се погрижи за да се врати насмевката на нивните лица?

Тоа сме ние, хуманите луѓе, кои никогаш нема да останеме рамнодушни на сториите каде родителот е беспомошен во битката, на своето дете да му го врати здравјето. Тие се оставени на вољата на Бога и на трулиот систем кој ги става на опашката на чекалната.

И сета таа извртена и изопачена реалност веќе си ја голтаме како обична. Монолитни ликови и монолитни приказни. Кога треба да го поделат колачот помеѓу себе, партиските елити забораваат на војната која ја глумат пред јавноста. Нема ни режим ни хунта тогаш. Кркаат и товарат парица до зајдување.

Останува само јадот кај оние кои слепо им се поклониле и кои верувале дека тие нивните се добрите а тие другите лошите. Јок. Подеднакво се лоши и подеднакво се добри кога треба да го раскрчмат колачот. Како гладни и неуранети хиени. Законите тие си ги нашкрабале. Во нив, тие секогаш се исправни и на линија.

Kој да им ја врати надежта на оние кои наместо членска партиска книшка имаaт диплома?

Оние на кои националноста им е ЧОВЕК. На оние кои не сакаат да парадираат и да се сликаат со политичките моќници и имаат свои идоли во спортот,медицината, музиката, глумата? Нема надеж во земја каде ФБ страните на политичарите се најпопуларните и најпосетените. Нема надеж таму каде што здравата дискусија е угушена од малограѓанштина, ниското ниво на комуникација, озборувања и навреди.

Да прифатиш разговор на ниско ниво на дискусија е исто како да се валкаш со свиња во кал. На крај и двајцата ќе се извалкате во калта. На свињата тоа ќе и се допадне, на тебе не“.

Кинеска поговорка

Кој ќе ја врати надежта на човекот чија вистина не е обоена во црно-белиот тон на двата табори, и има свои соништа подалеку од партиско вработување, партиска функција и добивање на партиски привилегии?

Може ли човек да најде место за себе под ова сонце?

Може ли човек кој не споделува изјави на политичари, не трча по нивните каравани да најде место под ова небо? Или ќе мора да потоне кон двата вители кои пустошат и грабаат се пред себе, за да го прехранат своето стадо кое со неморал слепо им се поклонило?

Пак ќе се вратам кај болните деца. Надежта нивна ќе им ја држиме ние кои во себе ќе премолчиме секојпат кога државата ќе им рече дека нема пари за нивното лекување а има за алчните функционери кои си префрлаат по 5-10 плати плус од тоа што го одработиле. Стотици илјади евра за еден паразит се одлеваат од буџетот, за болните да ги лечиме со СМС пораки. Но кога ќе ги видам полните плоштади ширум државава на тие нивни политички собири, си викам…Ништо не е ова…Малку ни е….

Ќе помине многу време додека свеста ни проработи и додека да научиме дека пред се сме луѓе. Луѓе, а не нечија нумеричка категорија.

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *