Ние сме лудаци што ве слушаме!

Текстот е изваден од архивите на блогот приказни од булеварот!

Ние сме лудаци…

Ние сме лудаци,што ве слушаме се уште вас! Што ги слушаме вашите прес лакрдии! Махери по импровизација. Монти Пајтонци!

Ги гледам сега ова политичариве во Македонија од двете страни кои везат за договорот за добрососедство со Бугарија…

Ги гледам Антонио, Илчо Димовски….и си викам… Уф!

Ние сме лудаци!

Тоа е ист оној Антонио, портпарол на екс Љубчовата влада, како и Илија Димовски, кој со денови не миел раце кога ќе се поздравел со Љубче, и цела онаа клапа, Филип Петровски, Вале Божиновска, Влатко Ѓорчев, кои 1999 година ја убедуваа Македонија дека тогашниот обид за договор за добрососедство е добар и нема ништо лошо во него, а денес верглаат дека е предавнички. Кога „баткиве“ зборуваа вистина? Тогаш или сега?

ние сме лудаци

Кога ја зборувавте вистината, тогаш или сега?

Исто така сега ги читам Геровци, Милчини, Ѓорѓи Спасовци и други, кои денес го бранат договорот а во 1999 жестоко го напаѓаа и фрлаа по него со дрва и камења! Исто и вие. Кога ја зборувавте вистината, тогаш или сега?

Ова е слика и прилика на државничкиот капацитет на нашите политичари сиве овие години, чив политички расчекор и немање конзистентност во своите политички ставови, од оваа држава прават циркуз, театар, замараат народ, и не тапкаат во место.

И пак се сведува на истото- Ние сме лудаци! Дека верувавме дека има правда.

„Јавите нам преко Тасета“

Дај бе седнете затворете се во некоја сала и договорете што ќе правите. Не ги замарајте луѓето, пошто вашите ставови се менуваат како хормонски статус и расположение на жена во ПМС….Политичари сте и долгогодишни државници.

Така да ко ќе се договорите за ова, тоа што ќе го решите, „јавите нам преко Тасета“!

Се прашувам, дали оние со лавот на челото имаат поголем стандард во државава од оној со розата на чело? Дали оној со розата на чело навива помалку за Македонија на спортски настан од оној со лавот?

Една шака народ сме напикани во еден град а веќе заземаме добра позиција, да си ја „ебеме мамицата“ и како скорпии сами да се поништиме. За инает на сите, као јапанци камикази, ќе се разнесеме рецитирајќи го писмото од Розета, со дешифрираните пораки на Донски и неговата визуелна конекција со духот на Аце Велики.

Ние ли да го плаќаме вашиот цех?

Време е за колективно самоубиство! Како Питу Гули кога се „рокнал“ со своите другари горе на Мечкин Камен, чувајќи го последниот метак за себе. Какви лудаци сме ние, со камен по своја глава ќе го направиме тој свечен чин. 

Го извадивме ѓаволот да шета по улиците. Ѓаволот шета по улиците со црвениот плашт кога бараме линч на ближниот свој. Кога мобилизираме орди, да ѕвонат по туѓи врати, да викаат под пенџериња, да плукаат во лице неистомисленици.Ние се оштриме едни против други, а Луцифер фаќа сеир. 

Ако во оваа наша сиромашна „вукојебина“, од нашите пари се офајдиле 20-тина политичари, цехот за тие гревови не треба да го платат 2 милиони граѓани. Или не се ни 2 милиони оти пописот го направивме и беше еднаш многу одамна, во далечната 2002 а од тогаш до сега многу од нашите деца преку Скајп ни мавтаат од Европа и Америка. 

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *